Првиот официјален меч како светски вице-шампиони не помина најдобро за Хрватска, откако „коцкестите“ беа понижени во Елче од расположената Шпанија, која стигна до неверојатна 6:0 победа.
Луис Енрике совршено го подготви својот тим кој сака да го врати статусот на неприкосновен на европскиот континент, и ако имаше сомнеж по 2:1 победата над Англија на „Вембли“, сега е јасно – „фуријата“ се врати!
Иронично, Хрватите подобро го отворија мечот, и имаа одлични шанси прво преку Ракитиќ, а потоа и преку Перишиќ, но малерот сакаше да го загубат Шиме Врсаљко за повреда веќе во 20-тата минута.
Тогаш на сцена стапија Шпанците. Во 24. минута, Карвахал одлично го најде Саул, кој со глава не му даде шанса на голманот Калиниќ. Во 33. минута веќе 2:0 – Марко Асенсио постигна добар гол од 20 метри, а во 36. минута, Асенсио повторно го матира Калиниќ за целосен распад на „коцкестите“.
Наместо да се соземат по полувремето, Хрватите почнаа уште полошо – Родриго во 50. минута го помина Вида и му даде гол на Калиниќ меѓу нозе, а во 57. минута, Иско од корнер го наоѓа Рамос за високи 5:0. Асенсио повторно беше во форма кога во 70. минута го најде Иско во шестнаесетникот, кој безмилосно од свртување постигнува гол за 6:0.
Во другите мечеви, кои беа во сенка на ова „газење“, Белгија за две минути го „реши“ незгодниот Исланд со 3:0 победа благодарение на Еден Азар и Ромелу Лукаку, додека Босна и Херцеговина со голот на Един Џеко стигна до важна 1:0 победа над Австрија во меч од Лига Б.
ЛИГА НА НАЦИИ
ЛИГА А
Шпанија – Хрватска 6:0
Исланд – Белгија 0:3
ЛИГА Б
Босна и Херцеговина – Австрија 1:0
ЛИГА Ц
Финска – Естонија 1:0
Унгарија – Грција 2:1
ЛИГА Д
Молдавија – Белорусија 0:0
Сан Марино – Луксембург 0:3