Германскиот селектор Ханси Флик уште верува дека тој е вистинскиот човек за „препород“ на репрезентацијата, иако вчерашниот понижувачки 4:1 пораз од Јапонија го зголеми притисокот и повиците тој да биде сменет пред Европското првенство следната година кога тие се домаќини.
„Дури иако е тешко да се сфати тоа, ние се подготвуваме добро за нашите противници и ќе продолжиме да го правиме тоа. Сигурни сме во нашата работа и одиме понатаму. Секако, разочарувањето е големо. Имавме малку опции да ја поминеме нивната одбрана, и индивидуалните грешки само ни ја намалуваа самодовербата“, вели Флик.
Руди Фелер, директорот на репрезентацијата, го нарече поразот „заслужен и засрамувачки“ и не отфрли можност за промена на селекторот.
„Игравме против навистина добра Јапонија, но да се загуби со 4:1 е засрамувачки, мора да се признае. По ваков пораз, мораме да се потсобереме. Не сме во најсилните европски репрезентации, но имаме добри играчи. Мораме да се смириме, да отспиеме, па ќе видиме“, вели Фелер.
Неодамнешната анкета на фудбалскиот веб-сајт „Кикер“ покажа дека дури 83 отсто од фановите сакаат Флик да замине.