Тренерот на Милан, Стефано Пиоли беше прогласен за главен виновник по болниот 5:1 пораз во „Дерби дела мадонина“ од Интер од страна на италијанскиот печат, кој оцени дека „росонерите“ се истопиле како снег на сонце.
Ова беше петти пораз едноподруго во дербито за Милан и ги остава Интер на врвот на табелата во Серија А, а „росонерит“ мораат бргу да се „разбудат“ пред дуелот против Њукасл во Лигата на шампиони во вторник.
„Да се сменат речиси сите работи по четири порази во дерби мечевите и да загубиш уште еднаш е нешто што навистина боли. Новите засилувања и новата физичка игра не донесоа многу. Не треба да се прави преголема драма, но очиледно е дека во Милан мораат да размислат за работите“, велат во „Ла газета дело спорт“.
„Тутоспорт“ ги критикуваше замените на Пиоли: „Милан по пет минути се истопи како снег на сонце, и уште посериозно, престана да игра по 3:1. Се затворија и бесцелно се префрлија на 4-2-3-1“.