Работнички ја оствари третата победа во Првата фудбалска лига откако ја совлада Воска Спорт со 2-0 на арената „Тодор Проески“. Тренерот Милан Илиевски е задоволен од резултатот, иако смета дека сѐ уште постои простор за значаен напредок кога е играта во прашање.
„По подолг период се вративме како домаќини на арената „Тодор Проески“ и веднаш беше видливо дека фудбалерите тука се чувствуваат најкомфорно. Тие се заслужни за успехот, го испочитуваа тоа што го побаравме од нив. Видливо е дека тимот функционира сѐ подобро, ова лето донесовме неколку нови фудбалери и се гледа значително подобрување на воиграноста. Среќни сме за триумфот и трите бода, но сега веднаш го ставаме фокусот на следниот предизвик. Веќе в среда нѐ очекува натпревар во Купот против Тетекс на кој мораме да му пријдеме со максимален фокус. Знаеме дека се игра еден натпревар и затоа мораме да бидеме внимателни. Некои фудбалери можеби ќе добијат одмор, но очекувам сите кои ќе имаат шанса да ја искористат и да ја оствариме целта“, изјави шефот на стручниот штаб на Работнички, Милан Илиевски, за официјалниот сајт на клубот.
Натпреварот од 1/16 – финалето на Купот на Македонија се играат в среда од 15 часот, а Работнички му гостува на Тетекс.