Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, изјави дека симпатизерите имаат право да го исвиркуваат тимот по поразот со 0:1 на домашен терен од Кристал Палас во седмото коло од Премиер – лигата.
„Црвените ѓаволи“ го имаат најлошиот старт во лигата од сезоната 1989/1990.
„Ги разбирам исвиркувањата. Кога играме дома или кога играме против Кристал Палас, мораме да победиме. Со сета почит, знам дека секој натпревар е тежок, но треба да играте најдобро што можете и свесен сум деканНавивачите очекуваат победа, а ние не успеавме. Загубивме“, изјави Тен Хаг по натпреварот.
„Секако дека сум загрижен. Мораме да покажеме доследност. Само треба да се претставиме подобро и да направиме неколку победи во низа“, додаде холандскиот стратег.
„Не можам да ги обвинам играчите. Тие дадоа се од себе, но ние не се снајдовме најдобро во последната фаза од нападот. Не донесовме правилни одлуки кога ја имавме топката, но и без неа. Мора да сме поефикасни и попосветени ако сакаме да постигнуваме голови. Треба да покажеме поголема желба. Знам дека можеме да се претставиме подобро и сигурен сум дека тоа ќе се случи“, истакна Ерик тен Хаг.