Македонскиот шампион Шкендија полека се враќа во вистинска форма, откако со 6:2 го совлада тимот на Работнички во дербито на петтото коло во Првата лига. Академија Пандев остана лидер со сигурна победа над Силекс, но Шкендија и Вардар со победата над Шкупи го држат темпото со струмичани.
Во Тетово, Работнички прв поведе против шампионот, повторно преку Петар Петковски уште во 11. минута од мечот, пред Шкендија да има „блиц“ крај на првото полувреме и во три минути постигна три гола – преку Мици, Ибраими и Бојку. Во второто полувреме, Ерера си постигна автогол за 4:1, а ветеранот Стјепановиќ им даде надеж на „романтичарите“ дека можат да се вратат со гол во 69. минута. Но, до крајот на мечот, Бесарт Ибраими го комплетираше хет-трикот за убедлива победа со која Шкендија е на второто место со 11 поени (исто со Вардар), еден помалку од лидерот Академија Пандев, кој со 3:0 го совлада Силекс во Струмица.
Вардар, исто како Шкендија, мораше да се враќа од гол негатива во првото полувреме во скопското дерби со Шкупи на „Борис Трајковски“ во Маџари, за на крајот да стигне до третата победа во новиот шампионат. Сержињо ги донесе гостите во водство во 29. минута, пред „црвено-црните“ да направат кам-бек со головите на Лира и Максимов во второто полувреме.
ПРВА ЛИГА, 5.КОЛО
Академија Пандев – Силекс 3:0
Македонија Ѓорче Петров – Беласица 0:0
Победа – Ренова 1:0
Шкендија – Работнички 5:2
Вардар – Шкупи 2:1
ТАБЕЛА: 1.Академија Пандев 12, 2.Шкендија 11, 3.Вардар 11, 4.Работнички 9, 5.Победа 8, 6.Силекс 5, 7.Ренова 4, 8. Македонија ЃП 3, 9.Шкупи 2, 10.Беласица 2.
Фото: ФК Шкендија