Творецот н најголемите успеси во историјата на Унион Берлин, Урс Фишер (57) доби отказ. Тренерот не успеа да ја преживее лошата серија, клубот на последните 13 натпревари доживеа 12 порази.
Фишер најпрвин избори промоција во Бундеслигата, потоа му обезбеди на клубот учество во европските купови, а минатата сезона со освоеното четврто место се избори за настап во Лигата на шампионите.
На тренерот му пресудија лошите резултати. Во сезоната влезе со три победи, но потоа започна црната серија, 12 порази и само едно реми, со Наполи во ЛШ, на последните 13 натпревари.
Како што пренесува германскиот весник „Билд“, клубот и тренерот спогодбено се разделија, за што директорот Оливер Рунерт претпладнево ги известил играчите.
Унион Берлин во Лигата на шампионите со еден бод е последен во групата со Реал, Наполи и Брага. Клубот го држи „фенерот“ и во Бундеслигата, со само две победи и дури девет порази во 11 одиграни натпревари.