Top Sport

Суперкупот на Италија прв пат со четири екипи

Суперкупот на Италија ќе се одржи следниот јануари во Ријад, Саудиска Арабија за прв пат со четири екипи, објави во понеделникот Италијанската фудбалска лига. Тоа ќе биде 36. издание на „Supercoppa Italiana“, а прво со четири учесници. На фајналфорот ќе учествуваат италијанскиот првак Наполи, вицешампионот Лацио, освојувач на купот Интер и финалистот во купот Фиорентина.

Првото полуфинале меѓу Наполи и Фиорентина е закажано за 18 јануари, ден подоцна се среќаваат Интер и Лацио, а финалето е закажано за 22 јануари.

Сите три натпревари ќе се играат на стадионот „Ал-Авал Парк“, каде своите домашни натпревари ги играат Ал-Наср, тимот на Кристијано Роналдо.

Одлуката за новиот формат на Суперкупот беше донесена во март годинава, но датумите на натпреварувањето беа предмет на преговори до последен момент меѓу клубовите, италијанската лига и саудиските власти, кои се домаќини на шпанскиот Супер Куп од 10 до 14 јануари.

Според италијанскиот печат, тимовите ќе поделат 23 милиони евра, од кои седум се наменети за победникот.

Италијанскиот Суперкуп за прв пат се одржа во Саудиска Арабија во 2018 година, откако беше организиран во Либија (2002), САД (2003), Кина (2009, 2011, 2012, 2015) и Катар (2014), 2016).

Јувентус е рекордер со девет освоени трофеи во Суперкупот, две помалку имаат Интер и Милан.

Scroll to Top