Карло Анчелоти, тренерот на Реал, на крајот на сезоната би можел да го продолжи договорот со „кралскиот клуб“. Ова го тврдат шпанските медиуми, што значи дека Анчелоти ќе го погази зборот што им го даде на Бразилците, дека на крајот од сезоната ќе го преземе националниот тим на оваа земја.
Шпанските и бразилските медиуми пред неколку месеци објавија дека италијанскиот стручњак се согласил да ја води бразилската репрезентација од јуни следната година.
„АС“ наведува дека Анчелоти се предомислил и наводно ги известил Бразилците дека Реал му е приоритет и дека чекал понуда за продолжување на договорот.
„Анчелоти е во фаза од кариерата кога парите не му се приоритет, туку репутацијата и почитта што ги ужива во Реал и од управата на клубот и од навивачите. Исто така, бројните скандали во Фудбалскиот сојуз на Бразил се фактори кои го оддалечуваат Анчелоти од селекторската позиција“, пишува „АС“.
Италијанскиот стручњак го водеше Реал од 2013 до 2015 година, а на „Сантијаго Бернабеу“ се врати во 2021. Со Реал освои 10 трофеи во два мандати.