Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, возврати на тврдењето на играчот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд дека трофеите им значат повеќе на навивачите на Ливерпул отколку на Сити. Бекот на Ливерпул тврди дека на Сити и неговите навивачи, поради неограничените финансиски ресурси, трофеите не им значат многу.
Ливерпул во недела од 16 часот и 45 минути го пречекува Манчестер Сити во дербито на Премиер лигата, а тензиите се зголемија во пресрет на натпреварот по изјавата на Александар-Арнолд.
Сепак, Халанд, кој моментално е најдобар стрелец во Премиер лигата со 18 гола, го потсети Александар-Арнолд дека Сити минатата сезона ги освои Премиер лигата, ФА Купот и Лигата на шампионите.
-„Овде сум една година и ја освоив тројната круна и тоа беше прилично добро чувство, мислам дека тој не знае точно какво е чувството. Така се чувствував минатата сезона и беше прилично убаво. Тие можат да зборуваат колку сакаат, или тој може да зборува колку сака, не знам зошто го прави тоа, но не ми пречи“, изјави Ерлинг за „Скај спортс“.
Ливерпул во дербито влегува со бод повеќе од второпласираниот актуелен шампион Сити.
Халанд рече дека едвај го чека натпреварот на Енфилд.
„Ќе биде одличен натпревар, Ливерпул е лидер, тие беа најдобриот тим досега, па мора да се обидеме да одиграме најдобро. Натпреварот помеѓу Сити и Ливерпул е посебен и овој ќе биде навистина важен“.