Реал Мадрид поднесе жалба до Фудбалскиот сојуз на Шпанија за однесувањето на судијата Хуан Мартинез Мунуера, кој во саботата вечерта не направи ништо во врска со навредите кон Винисиус Жуниор и мајмунските крици, кои како што тврдат од Мадрид, јасно се слушнале од трибините на „Ел Садар“.
Во жалбата се наведува дека Мартинез Мунуера ги игнорирал не само извиците кои можел да ги слушне самиот, туку и сугестиите на играчите на Реал, кои му покажале од кој дел на трибините се упатени расистичките навреди кон нивниот соиграч и стрелец на два гола во победата над Осасуна од 2:4.
Клубот потсетува дека главниот судија на натпреварот морал да реагира според правилата, но и според шпанскиот закон, но ништо не направил.
Притоа, Мартинез Мунуера во извештајот од натпреварот не го нотирал говорот на омраза и расистичките навреди кон бразилскиот ас, кој е честа мета на расисти на трибините низ Шпанија.
Токму поради оваа причина, бидејќи сметаат дека фудбалските судии не сакаат да ги заштитат фудбалерите, Реал Мадрид реши да ја проши жалбата во врска со овој случај пред редовниот шпански суд. До обвинителството Реал доставиле докази за се што се случи, не само во Памплона, туку и во други градови.
Во тој документ се наведени и случаите од гостувањата на Реал во Валенсија, Барселона и кај градскиот ривал Атлетико.