Капитенот на Манчестер сити, Белгиецот Винсен Компани вети дека ќе ги донира сите пари од мечот во негова чест за да се помогне на бездомниците во англискиот град.
32-годишниот Компани ја игра својата 10. сезона во Сити, и ќе добие посебен меч на „Етихад“ во август да се прослави оваа годишнина. Тој вели дека сите пари ќе бидат предадени на „Текл4МЦР“ иницијативата на Компани со градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам.
„Добив толку многу од Манчестер. Последните 10 години имав среќа да присуствувам на растот на Манчестер сити како клуб и како бренд, заедно со целиот регион. Растот на Манчестер како град доаѓа со видливи проблеми – многу луѓе немаат пристап до развојот и остануваат на улиците. Сепак, тие имаат позитивен дух и имаме одговорност да помогнеме“, вели Компани за „Би-би-си“.
„Текл4МЦР“ планира до 2020 година да ги реши проблемите на бездомниците во градот, откако градоначалникот Барнам донира 15 отсто од неговата плата за да се обезбеди кревет за секој бездомник оваа зима.