Пред почетокот на натпреварот против Тулуз, навивачите на ПСЖ со спектакуларна кореографија се простија од Килијан Мбапе, кој пред неколку дена потврди дека си заминува од Париз на крајот на сезоната.
Мбапе го постигна првиот гол на натпреварот (негов 256 во дресот на ПСЖ), но на крајот гостите славеа со 3:1.
Еден од најдобрите играчи во светот се прости од шампионот на Франција во видео кое го објави на социјалните мрежи.
„Отсекогаш сум велел дека ќе ве контактирам кога ќе дојде време, па затоа сакам да објавам дека ова ми е последна година во Пари Сен Жермен. Нема да го обновувам договорот и авантурата ќе заврши за неколку недели“, рече Мбапе, заблагодарувајќи им се на сите со кои соработуваше во ПСЖ и рече:
„Има многу емоции, има многу години во кои имав можност и голема чест да бидам член на најголемиот француски клуб и еден од најдобрите клубови во светот, што ми го даде првото искуство во клуб со голем притисок, исто така, ми овозможи да пораснам како играч покрај некои од најдобрите во историјата, да запознам многу луѓе и да пораснам како човек со сета слава што ја стекнав и сите грешки што ги имам направено“.
Иако не откри во кој клуб ќе ја продолжи кариерата, изјави дека заминува од Франција.
Најдобро информираните светски експерти за трансфери со месеци пишуваат дека неговиот потпис за Реал Мадрид е речиси завршена работа. На крајот од оваа сезона Мбапе имаше опција да го продолжи договорот со ПСЖ на уште една година, но тоа нема да го стори, па ќе го напушти клубот без обештетување.
👋🏻🇫🇷 PSG Ultras say goodbye to Kylian Mbappé. pic.twitter.com/C9AXFAfcDl
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) May 12, 2024