Поранешната романска фудбалска ѕвезда Адријан Муту ќе мора да плати 17 милиони евра на Челси како компензација за неговиот трансфер во Јувентус, откако Европскуот суд за човекови права ја одби неговата жалба.
Во октомври 2004 година, Романецот беше позитивен на кокаин, добивајќи суспензија од седум месеци, по што беше отпуштен од Челси поради прекршување на договор, а откако тој потпиша за Јувентус, Челси бараа ФИФА да му нареди на Муту да ја плати компензацијата.
Во 2008 година, ФИФА му нареди на Муту да плати 17.173.990 евра, сума добиена за неговиот трансфер од тимот на Парма. Во 2013, пак, ФИФА додаде дека Јувентус и Ливорно треба да ја платат таа сума, бидејќи Муту потпиша за тие два тима. Меѓутоа, Судот за арбитража во спортот (ЦАС) во 2015 година ја врати „вината“ кај Муту.
Во последен обид да не ја плати сумата, Муту се жалеше пред Европскиот суд за човекови права бидејќи ЦАС не е „независен“ суд, бидејќи еден од членовите на бордот бил партнер во адвокатска компанија која го штити и сопственикот на Челси, Роман Абрамович.
Европскиот суд одлучи дека напаѓачот не бил „приморан“ да ја прифати одлуката на ЦАС, но не побарал отстранување на контроверзниот член. Тие советуваат дека секоја жалба мора да оди пред Швајцарскиот врховен суд.
Муту инсистира дека нема шанси да најде таква сума на пари.