Барселона одигра само 1:1 на тешкото гостување на „Месталја“ кај Валенсија, за да го препушти првото место во Ла лига на неверојатната Севилја.
Езекиел Гарај донесе водство за „Лос Че“ уште во втората минута, откако по еден корнер, Жерард Пике беше „изгубен во просторот“ и топката од него дојде до Гарај, кој лесно го совлада Тер Штеген на далечната статива.
Барса го врати „балансот“ во 23. минута, кога Луис Суарез и Лео Меси одиграа една од нивните препознатливи (но и незапирливи) акции, и Меси постигна одличен гол. Меѓутоа, до крајот на натпреварот Каталонците не успеаја да направат нешто повеќе и веќе четврти натпревар во низа во Шпанија не успеваат да стигнат до победа.
Ова и одговараше на Севилја, која со 2:1 го совлада Селта Виго со головите на Сарабија и Бен Једер за преземање на лидерското место.
Фото: ЕПА