Популарноста на Макс Ферстапен помогна да се зголеми продажбата на билетите за Германското ГП следната година, објавија организаторите на трката во Хокенхајм.
Патеката Хокенхајмринг се враќа на календарот во 2018 година, откако оваа година не се одржа Германско ГП, а во последните години организаторите имаа мака како да привлечат посетители. Лани само 57.000 гледачи ја посетија трката, сличен број како на германскиот туринг шампионат (ДТМ).
Сега, тие откриваат дека имаат продадено 25 илјади билети, што е зголемување од 30 отсто од истиот период за минатата трка. Слично, и Белгиското ГП во Спа оваа година имаше зголемена посета поради илјадниците холандски фанови. Иронично, Ферстапен е роден во Белгија и има и белгиско државјанство.
„Страствените холандски навивачи се главниот фактор во ова зголемување. Се надеваме дека ќе им приредиме одличен викенд на илјадниците фанови“, се вели во известувањето на промоторот.