Јапонскиот дефанзивец Шунки Такахаши доби суспензија од еден месец од неговиот клуб Висел Кобе, откако на социјалните мрежи откривал вести за својот колега, поранешниот капитен на Барселона и Шпанија, Андрес Иниеста.
Такахаши преку Твитер соопштил на своите пријатели дека Иниеста нема да игра на мечот против Урава редс поради повреда, по што ова се појави во јапонските медиуми, и според клубот тоа е прекршување на правилата.
„Се извинуваме на навивачите и на тие кои се загрижија за оваа непријатност“, се вели на веб-сајтот на клубот.
Иниеста се приклучи на Висел Кобе ова лето по 22 години во Барселона и досега има два гола во осум настапи за клубот кој е само 11. на табелата. 34-годишниот ветеран според медиумите заработува околу 30 милиони долари годишно во Јапонија.