Поранешниот сопственик на Милан, Јонгхонг Ли останал без пасош од страна на кинеските власти, кои решиле да не му дозволат да излезе од земјата откако бизнисменот влегол во многу долгови.
Ли го купи Милан од експремиерот на Италија, Силвио Берлускони во април 2017 година, но веднаш имаше многу сомнежи околу позадината на потегот и изворот на парите на Кинезот. Неговиот конзорциум зеде кредит од „Елиот менаџмент“ фондацијата од САД за да го купи Милан, и откако не плати одреден број на рати, Американците ја презедоа контролата на клубот.
Сега, дел од кинеските медиуми тврдат дека судот во провинцијата Хубеи издал забрана за Ли да ја напушти Кина поради долговите кои ги направил. Ли, кој исто така живееше во Хонгконг, останал без пасош, а властите го „чешлаат“ неговиот бизнис.
Братот на Берлускони, Паоло вели дека е „шокиран“ од неспособноста на Ли, кој наводно загубил повеќе од 500 милиони долари од зделката со Милан.
„Бев шокиран. Тој се однесуваше добро и ни плати сѐ што должеше. Силвио беше фер и го предаде клубот без да ја добие целосната сума, и имаше само 200 милиони на сметка. Но, кинеската власт го смени однесувањето, Ли остана сам и се најде во големи проблеми. Сега, верувам дека следуваат посреќни денови за Милан“, вели Паоло Берлускони.