Ферари ќе замине од Формула 1 шампионатот доколку не се сменат правилата во спортот, смета поранешниот Ф1 шеф, Берни Еклстоун по неодамнешната закана на претседателот на Скудерија, Серџо Маркионе.
Ферари се единствениот Ф1 тим кој учествувал на сите шампионати од 1950 година и покрај тоа што е најуспешниот тим со 15 титули кај возачите, исто така е и најпопуларниот. Сепак, тие чекаат на титула од 2008 година, а имаа големи проблеми со промените од 2.4 литарските В8 мотори на 1.6 литарските В6 турбо-хибридни мотори во 2014 година.
Минатата недела ФИА и новите сопственици на Ф1 „Либерти медија“ објавија планови за поевтина и поедноставна верзија на овие мотори од 2021, нешто што не им се допадна во Ферари. И Еклстоун вели дека ако не се слушнат нивните забелешки, тие ќе си заминат.
„Ако не можат да победуваат, Ферари ќе си одат. Ако се излезе со правила со кои Ферари ќе сметаат дека ќе се мачат, ќе дадат свој предлог, ако не ги слушаат ќе си заминат без проблем“, изјави Еклстоун за „Индепендент“.
Токму Еклстоун ги зголеми приходите на Ферари при последната закана за заминување, кога им гарантираше 80 милиони фунти бонус за „историски успех“. Новите американски сопственици најавија дека е потребен разговор за распределувањето на парите од спортот, со што се зголемија шпекулациите дека овој бонус ќе биде укинат.