Фудбалските клубови Црвена ѕвезда и ПСЖ го тужат еден од најпознатите спортски весници во светот, „Лекип“, поради текстот, во кој весникот тврди дека клупски челник преговарал со луѓето од другиот клуб да го наместат натпреварот, одигран во рамките на второто коло, во Лигата на шампионите.
„Лекип“, објави дека челник на Црвена ѕвезда со пет милиони евра сакал да намести пораз од пет гола разлика на белградскиот клуб.
Белградскиот клуб со цел да докаже дека пишувањата се невистинити, ја ангажирал најпознатата адвокатска канцеларија во Париз „Дипон-Морети и Ве“.
„Нема докази што ги поддржуваат обвинувањата на весникот. Очигледно тие се резултат на анонимна и злонамерна дојава“, рекле адвокатите Ерик Дипон-Морети и Антоан Ве.
Инаку, Ерик Дипон-Морети го бранеше Никола Карабатиќ, кој беше дел од групата ракометари обвинети за местење на натпревар во француското првенство. Најпознатиот француски ракометар тогаш мина со парична казна од 10.000 евра. Исто така тој ги бранел и интересите на Карим Бензема, кој е ослободен од обвинувањата во секс-аферата.
Покрај Црвена ѕвезда, тужба против весникот поднесе и ПСЖ.
Првиот човек на ПСЖ, Насер ал-Калифи, поднел тужба против весникот, бидејќи во текстот се наведува дека тој имал состанок со челникот на Црвена ѕвезда, со цел да го наместат натпреварот.
Откако разговарал со своите адвокати, тој решил да го тужи весникот, бидејќи таков состанок не бил одржан.
Целиот случај од минатата недела е во рацете на Националното финансиско обвинителство, кое ги истражува наводите на „Лекип“.