Возачот на Ред Бул, Даниел Рикардо, рекол дека уште сега може да у го препушти болидот на Пјер Гасли, откако поради механички проблеми не ја заврши трката за Големата награда на Мексико.
Рикардо од трката се откажа во самиот финиш, во момент кога за второто место водеше борба со Себастијан Фетел. Австралиецот не завршил шест од последните 11 трки.
„ Да се каже дека сум фрустриран не е вистинскиот збор. Се чувствувам беспомошно. Во овој момент не знам зошто би излегол на патеката в недела, не гледам зошто би возел на последните две трки. Долго време сум немал трка или викенд без проблеми. Не сум суеверен, не верувам во тоа, но овој болит е проколнат“, рекол Рикардо.
Австралиецот трката во Мексико ја започна од првата позиција, меѓутоа поради лошата реакција на стартот веќе пред првиот свиок го престигнаа Макс Ферстапен и Луис Хамилтон. По завршувањето на сезоната тој ќе го напушти Ред Бул и ќе се пресели во Рено, а на неговото место доаѓа Пјер Гасли од Торо Росо.
„На постои објаснување за работите што ми се случуваат во неделите. Гасли може веднаш да го земе болидот, јас завршив со него“, нагласил Рикардо.