Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, не штедеше пофалби за Луис Енрике по новиот пласман на тимот во финалето на Лигата на шампионите.
Првиот човек на францускиот гигант, го означи шпанскиот стручњак како најдобар тренер во светот и призна дека неговото доаѓање во Париз била најдобрата одлука откако го води клубот.
„Луис Енрике е нашиот најголем адут. Тој е мојата најдобра одлука“, рече Ал-Келаифи во интервју за „CBS Sports Golazo“, додавајќи дека го сакал поранешниот тренер на Барселона во ПСЖ со години.
По пристигнувањето во Париз, Енрике го промени изгледот на тимот. ПСЖ повеќе не е само тим составен од големи ѕвезди, туку тим со јасен идентитет, поголема тактичка дисциплина и посилно чувство за заедништво.
Според Ал-Келаифи, ова е токму најголемата промена што Шпанецот ја донесе во соблекувалната.
„Неверојатно е како тој ја управува секојдневната работа во клубот, играчите, медиумите и сите околу него. За мене, тој е најдобриот тренер во светот“, додаде претседателот на ПСЖ.
Парижаните со победата против Баерн изборија ново финале во Лигата на шампионите, а Ал-Келаифи по успехот истакна дека тимот под водство на Енрике станал вистинско семејство.
„Начинот на кој работат заедно, како живеат заедно и како се борат еден за друг, тоа е она што најмногу го сакам кај овој тим“, рече тој.
Foto/ EPA
