Фудбалската репрезентација на Турција, по само две кола е елиминирана од Светското првенство. По поразот од Австралија (0:2), Турција загуби и од Парагвај (0:1).
Парагвајците постигнаа гол вреден за победа на самиот почеток од натпреварот, а успеаја да се одбранат до крајот, и покрај тоа што играа со играч помалку во целото второ полувреме. Турција сè уште има неважен натпревар против домаќинот САД, додека Парагвај ќе бара подобра позиција на табелата против Австралија.
Натпреварот започна шокантно за Турција. Веќе по 65 секунди од играта, Матијас Галарза со прецизен удар од околу дваесет метри го погоди долниот лев агол од турскиот гол и му донесе водство на Парагвај.
Откако го примија голот, Турција ја презеде иницијативата и доминираше на теренот, но и покрај одличниот посед на топката, кој беше 79 проценти, и бројните можности, не можеа да постигнат гол. Турците најблиску до израмнување беа во 35-та минута, кога Мерт Мулдур со глава ја погоди стативата по центаршутот на Хакан Чалханоглу.
Клучниот момент од првиот дел, се случи во судиското продолжение. Мигел Алмирон доби директен црвен картон откако, покривајќи ја устата со раката, му зборуваше нешто на Мерт Мулдур.
Судијата Иван Бартон од Ел Салвадор го исклучи според новото правило познато како „Законот на Винисиус“, што беше првата историска примена на тоа правило на светските првенства. Сепак, надежите на Турција дека ова ќе промени нешто не се остварија.
Со повеќе играчи, Турција тргна во офанзива во второто полувреме. Селекторот Винченцо Монтела воведе напаѓачки ориентирани играчи, а неговиот тим создаде вистинска опсада на парагвајскиот гол. И покрај постојаниот притисок и низата обиди, парагвајската одбрана, предводена од голманот Орландо Гил, се спротивстави на сите напади.
До крајот на натпреварот, Турција испрати дури 32 удари кон противничкиот гол, но не го најде патот до мрежата. Со текот на времето, турските напади стануваа сè поочајни, но резултатот не се промени. Последниот свиреж на судијата означи победа на Парагвај и крај на надежта за Турција, која со два порази се збогува од понатамошното натпреварување.
Foto/ EPA
