Најдобриот алжирски фудбалер Ријад Марез се најде во центарот на скандал откако неговата изјава за финишот од натпреварот против Австрија разгоре сомнежи дека мечот бил наместен.
На крајот, резултатот беше 3:3, што им гарантираше на Алжир и Австрија место во нокаут фазата на Светското првенство, но начинот на кој тоа беше постигнато предизвика бројни контроверзии.
Натпреварот влезе во напната завршница откако Марез постигна гол во 93-та минута за водство на Алжир од 3:2.
Со тој резултат, Австрија ќе беше елиминирана од натпреварувањето, а Алжир ќе има исклучително неповолен ждреб во 1/16 финалето, бидејќи би одел на Шпанија.
Сепак, само три минути подоцна, во шестата минута од судиското продолжение, Австријците израмнија, алжирската одбрана изгледаше исклучително пасивна кога Калајџиќ го постигна голот за 3:3.
Сомнежите за регуларноста беа дополнително засилени откако се појавија видеа на кои се гледаат соиграчите на Марез како го критикуваат веднаш по постигнувањето на голот за 3:2.
Наместо да ја смири ситуацијата, изјавата на Марез за медиумите практично ги потврди сомневањата дека постоел премолчен договор за резултатот што им одговарал на двата тима.
„Ја раширивме играта, а тие се повлекуваа. Но, во последен момент некој ја протурка топката низ средината. Морав да трчам, морам да ја почитувам топката. Знам дека е малку срамно, но вистина е. Топката дојде пред голманот и морав да шутирам, морав да се обидам да постигнам гол“, рече Марез, продолжувајќи со ист тон:
„Знам дека беше срамно, но тоа е фудбалот. Морам да го почитувам. И добро е – добро за нив – што на крајот постигнаа гол и поминаа понатаму. И двата тима поминаа понатаму и тоа е најважното нешто.“
Foto/ Depositphotos
