Роџер Федерер по шести пат едноподруго го совлада Кеи Нишикори, овојпат со 6:4/6:4 во последното четврт-финале од Мастерсот во Париз, за да обезбеди мега-пресметка со новокрунисаниот број 1, Новак Ѓоковиќ во саботното полуфинале.
За Швајцарецот ова беше само втор меч на турнирот во Берси, откако имаше слободно прво коло, а во второто Милош Раонич се повлече поради повреда, така што само мораше да го победи Фабио Фоњини за пласман во четврт-финалето. Пред овој меч, Нишикори имаше две победи во седум меча против Швајцарецот, но ниту една од 2014 година.
Федерер во основа едноставно го доби мечот, правејќи рани брејкови во двата сета, а Нишикори и покрај одличната игра не можеше да се снајде најдобро на сервис на Швајцарецот.
Федерер и Ѓоковиќ на терените се имаат сретнато дури 46 пати, од кои Швајцарецот бил победник 22 пати, а Србинот 24 пати, вклучувајќи ги последните три меча – Синсинати 2018, Австралија опен 2016 и АТП финалето во 2015 година.
Во второто полуфинале во Париз, последниот „редовен“ турнир од тениската турнеја пред АТП финалето во Лондон, ќе се сретнат Русинот Карен Хачанов и Австриецот Доминик Тим.
Фото: ЕПА