Новак Ѓоковиќ во епски меч го победи Роџер Федерер и се пласираше во финалето на мастерсот во Париз. Србинот по три часа и шест минути победи со 2:1 (7:6, 5:7, 7:6). Во меѓусебните дуели Ѓоковиќ сега води со 25:22.
Публиката во Париз имаше можност да ужива во еден од најдобрите мечеви оваа година, кој му припадна на Ѓоковиќ, иако Србинот не успа да направи ниту еден брејк. Федерер успеа да одбрани 12 брејк топки.
Единствениот брејк на овој меч го направи Федерер, кога успеа да му го одземе сервисот на Ѓоковиќ во 11.гем од вториот сет.
Легендите на светскиот тенис сурово се бореа за секој поен, а секоја грешка жестокот ја казнуваа.
На крајот победникот го реши менталната сила и освоените поени на вториот сервис. Ѓоковиќ на својот втор сервис освои нешто повеќе од 70 отсто од поени, додека реализицијата на Федерер беше под 40 отсто.
Исто така Србинот беше многу подобар во двата тај брејка. Во тај брејкот на првиот сет, успеа да ја стигне предноста на Федерер од 2:0 и 4:2, а во третиот експресно стигна до предност од 6:1, а потоа ја реализира третата меч топка.
Ѓоковиќ, кој од понеделник повторно ќе биде број 1 на АТП листата, за титулата ќе се бори со рускиот тенисер Карен Хачанов.