Селекторот на репрезентацијата на САД, Маурисио Покетино, зборуваше за одлуката на Премиер лигата во случајот со Манчестер Сити и изрази големо разочарување поради бројните пронајдени финансиски неправилности.
Премиер лигата, според повеќе медиуми, утврди дека Манчестер Сити прекршил голем број од вкупно 115 обвинувања поврзани со финансиските прописи помеѓу 2009 и 2018 година.
За време на својата кариера, Покетино ги водеше Саутемптон, Тотенхем и Челзи, а го искористи своето искуство од Тотенхем за да посочи за нееднаков третман на клубовите кога станува збор за финансиските правила.
„Каде беа контролите? Тоа е она што го привлекува моето внимание. Каде беа контролите?“, рече Покетино.
Аргентинецот се потсети на периодот кога беше тренер на Тотенхем, додека клубот градеше нов стадион и поради финансиски ограничувања, не можеше да донесе играчи.
„Се сеќавам дека во Саутемптон, а потоа и во Тотенхем, градев стадион и 18 месеци немавме економска можност да донесеме играч. Мислам дека бевме единствениот тим во историјата на Премиер лигата што не направи ниту еден трансфер 18 месеци.“
Покетино истакна дека во тој период, Тотенхем успеал да се бори за врвот на табелата и пласман во Лигата на шампионите, и покрај строгите финансиски ограничувања.
„Ако тим како Тотенхем се борел за титули, бил меѓу првите четири секоја година и стигнал до полуфиналето на Лигата на шампионите без да може да донесе играч 18 месеци, бидејќи моравме да се прилагодиме на финансиските контроли, а тие беа толку строги кон нас, додека беа многу поблаги кон другите, тогаш сè е многу чудно“, рече Покетино.
Како што се очекува, Манчестер Сити се подготвува да поднесе жалба на одлуката на Премиер лигата, а целиот правен процес може да потрае долго.
„Каква и да е казната, невозможно е да се врати времето. Нанесена е голема штета, пред сè на самите правила. На крајот, многу клубови ги почитуваа правилата, а некои не. Можеби мислеа дека казната нема да дојде по многу години. Што ќе прават? Финансиска казна? Одземање бодови? Многу е тешко“, рече селекторот на САД и заклучи:
„Тажно е. Огромна тага е. Дојдовме во ситуација каде што она што се славеше можеби не беше вистинско, она што изгледаше добро можеби не беше толку добро, а она што не изгледаше добро можеби всушност беше добро, но не можеше да биде поради она што се случи. На крајот, поминавме низ период кога немаше спортска правда. Па, како да поправите сè што беше оштетено ако се утврди дека сите тие 114 правила се прекршени? Живеевме во период на измама.“
Foto/ Depositphotos
