УЕФА започна официјална постапка против Барселона во таканаречениот „случај Негреира“. Овој потег дојде откако Реал Мадрид достави 50.000 страници документација до управното тело на Европа. Иако случајот е застарен според шпанските спортски прописи, УЕФА го смета за активен и има намера да спроведе истрага до крај.
Предмет на истрагата се исплати од Барселона во износ од 8,4 милиони евра на поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судии во периодот од 2001 до 2018 година. УЕФА сака да утврди која била целта на тие исплати, што каталонскиот клуб сакал да постигне со нив и какво било вистинското влијание на наводните извештаи за кои платил.
Кога аферата стана јавна во април 2023 година, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, оцени дека тоа е една од најсериозните ситуации што ги видел во фудбалот.
„Не можам директно да коментирам за тоа од две причини. Прво, затоа што имаме независно дисциплинско тело кое се занимава со него. Второ, затоа што не го проучив случајот детално.
Сепак, можам да кажам дека сум информиран и дека ситуацијата е исклучително сериозна. Тоа е едно од најсериозните нешта што сум ги видел во фудбалот. На ниво на шпанската лига, случајот, секако, е застарен и не може да има последици од натпреварувањето, но постапката е во тек пред шпанското граѓанско обвинителство. Што се однесува до УЕФА, ништо тука не е застарено“, рече Чеферин тогаш.
УЕФА ја чекаше судската одлука во последните три и пол години, но ситуацијата се промени по потегот на Реал. Назначениот инспектор сега детално ја разгледува доставената документација, а УЕФА процени дека случајот е доволно сериозен за да отвори службено досие.
Официјалното отворање на постапката значи дека ќе има детална анализа на доказите и собирање информации од вклучените страни, кои исто така ќе дадат свои изјави. Барселона исто така ќе добие шанса да се брани.
Foto/ depositphotos
