Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, според англиските медиуми сериозно размислувал да не го носи во Белград, на мечот во Лигата на шампионите против Црвена ѕвезда, Џердан Шаќири.
Швајцарскиот репрезентативец се наоѓа во добра форма, меѓутоа Клоп сакал да ги избегне непотребните провокации што сигурно ќе ги има од страна на домашните навивачи.
Шаќири е на мета на српските навивачи по натпреварот Швајцарија-Србија одигран на Свестското првенство во Русија и случајот со „албанскиот орел“.
Шаќири играше на првиот меч помеѓу овие два тима во Ливерпул, но и тогаш малубројните навивачи на Црвена ѕвезда со свирежи го испраќаа секој негов допир со топката.
„Одам таму да играм фудбал. Тука нема никаква политика, само фудбал. Не сум загрижен. Веќе ми свиркаа на СП, знам како да се носам со тоа“, рекол Шаќири по мечот во Ливерпул.
Клоп попладнево ќе соопшти дека Шаќири нема да патува во Белград на натпреварот што ќе се одигра во вторник од 18:55 часот, на стадионот „Рајко Митиќ“.
„Одиме во Белград како фудбалски тим, за да играме фудбал. Има многу тешки шпекулации и се говори за тоа како ќе го пречекале Шаќири и искрен да бидам не знам што не очекува. Сакаме 100 отсто да бидеме фокусирани на натпреварот. Ние сме голем клуб, немаме политички пораки. Наша цел е да играме фудбал и поради тоа Шаќири нема да патува во Белград. Тој го прифати тоа и ми кажа дека ја разбира ситуацијата. Тој е важен играч на нашиот тим, но утре нема да игра“, рекол менаџерот на Ливерпул, Клоп.