Шведскиот Кристијанштад ја запиша првата победа во Лигата на шампионите оваа сезона, откако со 32:29 го победи унгарскиот гигант Веспрем, за кои ова е трет пораз во низа во ЛШ, со што ја израмнија најлошата своја серија во натпреварувањето.
Кризата во унгарскиот гигант придонесе за менување на тренерот, откако Љубомир Врањеш беше избркан и на негово место дојде поранешниот тренер на ЖРК Вардар, Давид Дејвис, но ситуацијата не се подобри.
Веспрем почна одлично на гостувањето, поведувајќи со 7:3, но шведските шампиони се вратија на -1 до крајот на полувремето. Откако поведоа првпат во 46. минута, работите тргнаа наопаку за унгарскиот клуб кој не можеше да ги сопре Стиг Торе Нилсен и Олафур Гудмундсон, дури и со овојпат просечниот Арпад Штербик на голот.
Ова е прва победа на Кристијанштад во ЛШ по 9 меча, низа која траеше последните две сезони. Двата тима ќе се сретнат во Унгарија следната недела.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 7.КОЛО
Татран Прешов – Бешикташ 27:23 (18:11)
Висла Плоцк – Елверум 30:28 (17:15)
Кристијанштад – Веспрем 32:29 (14:15)
ППД Загреб – Целје 24:22 (11:9)