Италијанската фудбалска репрезентација доби официјално предупредување од ФИФА за одложувањето на стартот на мечот во квалификациите за СП во Русија против Македонија во Торино.
Тој меч заврши 1:1, откако Џорџо Кјелини прво постигна гол, пред играчот на Палермо, Александар Трајковски да израмни во фантастична акција. „Аѕурите“ нашата група ја завршија на второто место со пет поени помалку од Шпанија, така што ги очекува бараж против Шведска во петок и понеделник.
Мечот на „Олимпико“ во Торино беше одложен, по што дисциплинската комисија на ФИФА реши да ја предупреди федерацијата. Ова е четврти прекршок на Италијанците во квалификациите – 30.000 франци казна за навредливи извици против Израел, предупредување за влегување на терен против Лихтенштајн и 15.000 франци казна и предупредување за мечот со Албанија.