Top Sport

Нема шега со Швајцарците – и пукнаа „петарда“ на Белгија и влегоа во финалето на ЛН (видео)

Швајцарија стигна до навистина импресивна 5:2 победа над Белгија за да го обезбеди првото место во групата 2 од Лига А во Лигата на нации на УЕФА и да стигне до место во завршницата на натпреварувањето, откако губеа со 2:0 по само 17 минути игра.

Фудбалерот на Борусија Менхенгладбах и брат на ѕвездата на Челси Еден, Торген Азар постигна два гола во 2. и 17. минута за на третопласираната репрезентација од СП во Русија да и донесе водство од 0:2 во Луцерн, најавувајќи лесен пласман на „ѓаволите“.

Меѓутоа, домаќините не мислеа така и до крајот на полувремето направија пресврт. Прво Роберто Родригез од пенал намали на 1:2 во 26. минута, по што Харис Сеферовиќ постигна два гола за целосен пресврт. Младиот Нико Елведи во 62. минута зголеми на 4:2, пред Сеферовиќ да го комплетира хет-трикот во 82. минута.

Со оваа убедлива победа, Швајцарија и Белгија имаат по 9 поени во групата 2, меѓутоа Швајцарија има подобар меѓусебен скор (во Белгија загубија со 1:2) и подобра гол-разлика. Исланд испаѓа во Лига Б.

Освен Швајцарија, во „фајнал фор“ се пласираа и Англичаните, како и Португалците, додека четвртиот член ќе се дознае утре – Холандија гостува на Германија со потреба да не загуби за да го претекне светскиот шампион Франција на првото место во групата 1.

Во Лига Ц, Финска загуби со 2:0 на гостувањето кај Унгарија, но сепак од следната сезона ќе настапува во Лига Б, откако Грција доживеа шокантен домашен пораз од Естонија од 0:1.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА НАЦИИ, 7.КОЛО

ЛИГА А, ГРУПА 2

Швајцарија – Белгија 5:2

Табела: Швајцарија 9, Белгија 9, Исланд 0

ЛИГА Б, ГРУПА 3

Северна Ирска – Австрија 1:2

Табела: БиХ 10, Австрија 7, С.Ирска 0

ЛИГА Ц, ГРУПА 2

Грција – Естонија 0:1

Унгарија – Финска 2:0

Табела: Финска 12, Унгарија 10, Грција 9, Естонија 4

ЛИГА Д, ГРУПА 2

Молдавија – Луксембург 1:1

Сан Марино – Белорусија 0:2

Табела: Белорусија 14, Луксембург 12, Молдавија 9, Сан Марино 0







Scroll to Top