Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва против Гибралтар, ќе го одигра последниот меч во Групата-4 во Лигата на Нации. Еден бод им е доволен на избраниците на селекторот Игор Ангеловски за да обезбедат пласман во плеј-офот.
„Добро познат ни е стилот на Гибралтар. Претежно се ориентирани во одбраната и ја чекаат својата шанса преку контра. Јас и претходно кажав, не е важно со кого играме, туку за што играме, а тоа е потврда на првото место и домашно полуфинале во плеј-офот. Фаворити сме и иако можеби на некои мечеви не играме според посакуваното, но во второто полувреме влегуваме подобро и победуваме“, рече на вчерашната прес конференција селекторот на Македонија.
Дуелот со Гибралтар, поради жолти картони, ќе го пропушти најискусниот репрезентативец Пандев, а во тимот се враќаат Елмас и Алиоски. Овие двајца поради суспензии не играа во петокот кај Лихтенштајн.
Во пресрет на последното коло Македонија ја предводи Групта-4 со 12 бода, три помалку има Ерменија, Гибралтар е трет со шест, а Лихтенштајн последен со три бода.
Првото место на Македонија и носи пласман во Ц-дивизијата, во наредното издание во Лигата на Нации и место во плеј-офот. Најдобрата репрезентација од Д-дивизијата ќе се пласира на Европското првенство.