Напаѓачот на Барселона, Усман Дембеле е далеку од вистинската форма и уште подалеку од место во првиот тим. Според неговиот став и однесување тој е поблиску до заминување од „Ноу Камп“, отколку до тоа да добие некоја сериозна улога од тренерот Ернесто Валверде.
Познато е дека францускиот репрезентативец е зависник од видео-игри, а специјализираниот фудбалски поратл „Goal.com“, објави уште неколку детали од проблематичното однесување на 21-годишниот фудбалер.
Покрај тоа што многу време трошел на видео-игри, тој не го почитувал ниту режимот на исхрана што го добил од медицинскиот тим на Барселона. Дембеле ги игнорирал советите за здрава исхрана и најчесто јадел во рестораните за брза храна.
Тој редовно доцнел на тренинзите и останатите клупски настани, а се уште минимално го зборувал шпанскиот јазик.
Шпанските медиуми веќе пишуваа дека клубот го предупредил дека ќе биде суспендиран доколку и понатаму доцни на тренинзите и се однесува неодговорно.
Дембеле сезонава има одиграно 15 натпреври за Барселона, постигнал шест гола и запишал две асистенции.