Жозе Мурињо, тренерот на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, демантирал дека Алексис Санчез побарал да го напушти клубот во јануарскиот преоден рок. Чилеанецот пред девет месеци пристигна на „Олд Тарфорд“ од Арсенал, а оваа сезона има постигнато само еден гол.
„Мислам дека нема да замине бидејќи никогаш не го побарал тоа. Никогаш не ми рекол дека не е среќен кај нас“, рекол Мурињо и дополнил дека нема да му застане на патот доколку играчот побара трансфер.
„Таков сум јас. Тоа е поврзано со мојата лична филозофија“.
И покрај тоа што никако не може да ја „најде“ формата во која беше во Арсенал, Мурињо верува дека Санчез може работите да ги сврти во своја корист.
„Тој напредува, исто како што напредува и тимот. Кога игра ни го дава својот карактер, ни ја дава својата желба за победа. Може ли да игра подобро? Може, но и сите ние можеме подобро“, заклучил Мурињо.