Кошаркарската репрезентација на Аргентина забележа убедлива победа над САД 80:63, во втората квалификациска рунда за пласман на Светското првенство во Кина. Аргентинците без проблем се справија со просечниот тим што го имаше на располагање селекторот на САД, Џеф ван Ганди.
Американците мечот го отворија со 12:0 и тоа беше се што успеаја да направат во Ла Риоха. На крајот од првата четвртина Аргентина имаше +3, а по првиот дел 35:32. Во третата четвртина Аргентинците го декласираа противникот и во последниот период влегоа со 61:40.
Николас Лапровитола со 17 поени ја предводеше Аргентина, три поени помалку уфрли Лусио Редиво. Кај Американците само Тревис Трајс (16 поени) постигна двоцифрен број на поени. Трајс е играч на Висконсин Херд во развојната НБА лига.
Аргентина води во квалификациската група со осум победи и еден пораз, САД се на второто место со 7/2, трети се Уругвај 6/3.