Нов ден, ново оправдување на Жозе Мурињо. Португалскиот менаџер на Манчестер јунајтед вели дека станува многу потешко врвните клубови да купат талентиран фудбалер во жестоката конкуренција во Премиер лигата.
Јунајтед имаат само 6 победи во првите 13 меча од Премиер лигата и се на седмото место на табелата, откако во летниот преоден рок Мурињо не успеа да донесе ниту еден дефанзивен фудбалер и покрај неколкуте доцни понуди. Сега, се верува дека Јунајтед ќе одат на „пазарот“ во јануари, но Мурињо признава дека клубовите веќе не се откажуваат така лесно од своите најдобри фудбалери.
„Ќе ви дадам пример. Дали Манчестер јунајтед според историјата и димензиите е поголем клуб од Тотенхем? Со целосна почит кон Тотенхем, сите би одговориле да на ова прашање. Дали можеме да одиме во Тотенхем и да им ги купиме најдобрите фудбалери? Секако, не, бидејќи не продаваат. Пред неколку години од таму го купивме Мајкл Керик, Димитар Бербатов… Сега нема шанси да го дадат Хери Кејн, Деле Али, Ериксен, Сон… И кој е помоќен сега, ние или тие? Фудбалот се менува и сега е потешко да се купуваат квалитетни фудбалери“, објаснува Мурињо.
Фото: ЕПА