Напаѓачот на Бока Јуниорс, Аргентинецот Карлос Тевез ја критикуваше одлуката реванш мечот од финалето на Куп Либертадорес да се игра во Мадрид. Двата тима ќе се судрат на „Сантијаго Бернабеу“ во недела вечер од 20.30 часот и таму ќе одлучуваат за новиот шампион на Јужна Америка.
Првиот натпревар во финалната серија заврши 2:2, по што требаше да има реванш на „Монументал“ стадионот, но до тоа не дојде поради дивеењето на домашните навивачи кои го каменуваа автобусот на гостите.
„Малку е чудно да играме овде, но ова е важен натпревар за нас, па ќе се концентрираме на мечот. На навивачите им е срам што ќе се игра овде, во Мадрид. Ни го одземаа нашиот сон да играме финале во својата земја“ вели голгетерот на Бока, Карлос Тевез.