Италијанските медиуми тврдат дека Милан нема да ја искористат опцијата да го откупат Гонзало Игуаин од Јувентус и дека дур и е можен трансфер во Челси уште во јануари.
„Росонерите“ го донесоа Пипита на позајмица за 18 милиони евра со опција да го откупат договорот на крајот на сезоната за дополнителни 36 милиони евра. Меѓутоа, Милан повторно е под „закана“ од УЕФА, кои најавија дека нема да им ги исплатат 12-те милиони евра за учество во Лига Европа, наредија тимот да се намали на 21 фудбалер во следните две сезони и се заканија со исклучување од Европа.
„Скај спортс Италија“ и „Кориере дела сера“ тврдат дека американските сопственици Елиот Менаџмент се обидуваат да ги намалат трошоците и гледаат на Игуаин, кој наполни 31 година овој месец како на „непотребен товар“.
Игуаин има седум гола во 16 меча оваа сезона, ист скор како фудбалерот кој дојде од младинската школа на Милан, Патрик Кутроне во 18 настапи.
„РАИ спорт“ пак додава дека Милан ќе го прекратат договорот за позајмица за да не му ја плаќаат платата на Аргентинецот и ќе го пратат во Челси, каде што ќе се „обедини“ со поранешниот тренер на Наполи, Маурицио Сари.
Фото: ЕПА