Посетата на двата лондонски гиганти на југот на Англија помина различно – Челси успеа да освои три поени кај Брајтон со 2:1 победата, додека Арсенал загуби со 3:2 кај Саутемптон во првиот меч на новиот менаџер на клубот, Ралф Хазенхитл.
Челси инспириран од Еден Азар во првото полувреме направи предност од 2:0, која потоа успешно ја одбрани во второто полувреме. Азар прво му го намести голот на Педро во 17. минута, за во 33. минута сам да се запише во листата на стрелците. Брајтон се обиде да одговори и намали преку Соломон Марч во 66. минута, но на крајот трите поени отпатуваа за Лондон.
Поинтересно и понеизвесно беше на „Сент Мерис“, каде што Арсенал двапати се враќаше по водство на Саутемптон, но на крајот остана без поени. Дени Ингс во 20. минута донесе водство за клубот кој се бори за опстанок, но „топчиите“ во 28. минута вратија преку Мхитарјан.
Ингс повторно беше стрелец во 44. минута, и повторно Арсенал израмни, повторно преку Мхитарјан, но кога замената Чарли Остин ја искористи лошата одбрана на голманот на Арсенал, Бернд Лено во 85. минута, веќе немаше враќање за тимот на Унаи Емери.
Саутемптон имаат нов менаџер во Австриецот Хазенхитл, откако Марк Хјуз беше избркан по 2:2 ремито со Манчестер јунајтед.
Челси останува на четвртото место со 37 поени, Арсенал е петти со 34, додека Брајтон е на 13. место (21 поен), а Саутемптон излезе од зоната за испаѓање на 16. место со 12 поени.