Жозе Мурињо повеќе не е тренер на фудбалерите на Манчестер Јунајтед. Оваа информација ја потврди великанот од „Олд Трафорд“ на своите профили на социјалните мрежи.
„Манчестер Јунајтед потврдува дека менаџерот Жозе Мурињо го напушти клубот. Манчестер Јунајтед сака да му се заблагодари на Жозе за неговата работа и за времето што го мина во клубот. Клубот му посакува успех во идната работа“, стои во клупското соопштение.
Клубот објави дека наскоро ќе биде познат наследникот на Мурињо, кој ќе го предводи тимот до крајот на сезоната, додека задачата на клупските челници ќе биде да најдат трајно решение за тренерската позиција.
На Поетугалецот му пресудија лошите резултати и лошата атмосфера што самиот ја иницираше, особено несогласувањата со двете најголеми ѕвезди во екипата Пол Погба и Алексис Санчез.
Во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед се наоѓа на шестото место на табелата со 26 бода, 11 помалку од Челси и позицијата што води во Лигата на шампионите. „Црвените ѓаволи“, на последните пет натпревари во првенството забележале само една победа.
Јунајтед успеа да ја мине групата во Лигата на шампионите, а во осмина-финалето ќе играат против Пари Сен Жермен.
Мурињо е поранешен тренер на Порто, Челси, Интер и Реал Мадрид. Португалецот со Порто и Интер ја има освоено Лигата на шампионите, а со сите тимови, исклучок е Манчестер Јунајтед бил национален првак.
Како тренер на Манчестер Јунајтед успеал да ги освои Лига купот и Комјунити шилд во Англија, односно Лига Европа.