Рафаел Надал беше безмилосен против својот стар ривал Томаш Бердих победувајќи го со рутински 6:0/6:1/7:6(4) за да обезбеди пласман во четврт-финалето на Австралија опен, каде што ќе се сретне со Американецот Френсис Тиафоу, кој го изненади Григор Димитров.
Шпанецот продолжи да импресионира со својата игра на првиот официјален турнир од САД опен минатиот август поради повредата на коленото, апсолутно доминирајќи во првите два сета, пред Бердих да пружи отпор во третиот. Сепак, Надал остана скромен кога зборуваше за очекувањата на турнирот.
„Кога се враќам по повреда, не очекувам позитивни или негативни работи, само се обидувам да ја завршам работата и сега верувам дека сум подготвен“, вели Надал, кој нема загубено сет на турнирот.
Френсис Тиафоу пак, го прослави својот 21. роденден со тешка 7:5/7:6(6)/6:7(1)/7:5 победа над Григор Димитров за да обезбеди дуел со Надал.
Таква форма не покажаа две поранешни гренд слем шампионки – Анџелике Кербер и Марија Шарапова, кои загубија во осминафиналето. Домашната миленичка Ешли Барти се врати од сет негатива за со 4:6/6:1/6:4 да ја победи Марија Шарапова, додека релативно анонимната Американка Даниел Колинс со 6:0/6:2 за помалку од еден час ја елиминираше Кербер, која беше фаворит кај букмејкерите за титулата.
35-рангираната Колинс досега играше тенис во американскиот колеџ систем и пред Австралија опен немаше победа на гренд слем меч.
„Можеби немав победа, но не сум почетник. Се надевам дека имам вакви мечеви во мене“, изјави 25-годишната Колинс.
Фото: ЕПА
АВСТРАЛИЈА ОПЕН, 1/8 ФИНАЛЕ
МАЖИ
Надал (Шпа) – Бердих (Чеш) 6:0/6:1/7:6(4)
Тиафоу (САД) – Димитров (Буг) 7:5/7:6(6)/6:7(1)/7:5
ЖЕНИ
Квитова (Чеш) – Анисимова (САД) 6:2/6:1
Барти (Авс) – Шарапова (Рус) 4:6/6:1/6:4
Колинс (САД) – Кербер (Гер) 6:0/6:2