Хрватска ја победи Франција со 23:20 (11:11) во меч без многу значење на Светското првенство во ракомет во Германија и Данска, додека Норвешка го направи своето со убедлива 35:26 (16:13) победа над Унгарија и сега ќе се надева на фер-плеј на нивните нордиски ривали Шведска и Данска.
Тоа што требаше да биде дуел за полуфинале помеѓу „коцкестите“ и „триколорите“ на крајот беше ревијален меч, бидејќи веќе беше јасно дека Германија и Франција одат во полуфиналето, додека Хрватска ги загуби своите шанси по поразите од Бразил и Германија.
Опуштени од притисок, Хрватите успеаја по променливото прво полувреме, да ја преземат контролата на мечот во второто и да стигнат до победа. Златко Хорват имаше седум гола, Мандиќ додаде четири, додека кај Франција најдобар стрелец беше Мелвин Ришардсон со шест постигнати голови.
Во Хернинг пак, Норвешка ја „прегази“ Унгарија, за сега да се надева дека Шведска нема да ја победи Данска во последниот меч од групата Ф. По раното водство на Унгарците, Норвежаните доминираа во остатокот од мечот за во второто полувреме да имаат дури и предност од 10 гола.
Јендал и Абелвик Рот имаа по седум голови за расположените Норвежани, додека кај Унгарците најдобар стрелец беше Золт Балог со дури единаесет постигнати голови.
Фото: ЕПА