Ноќта во НБА лигата ја обележа Џејмс Харден, кој во храмот на кошарката „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк, постигна 61 поен. Хјустон ги победија Њујорк Никс 114:110, а Харден постигна половина од поените на својот тим.
Харден го израмни учинокот на Коби Брајант во „Медисон Сквер Гарден“, постигна 61 поен (17/38 од поле, 5/20 тројки, 22/25 слободни фрлања), 15 скока, 4 асистенции и 5 украдени топки.
Првото полувреме Харден го заврши со 36 поени и 9 скока. Ова е петти меч сезонава на кој Харден постигнува 50 или повеќе поени.
Против Никс, Харден го одигра 21.меч на кој постигнал најмалку 30 поени. Последен пат не постигнал 30 поени на 11.декември минатата година против Портланд.