Актуелните шампиони во НБА лигата, Голден стејт Вориорс, изминатата ноќ ја забележаа деветтата победа во низа. Серијата на победи ја продолжија и кошаркарите на Оклахома Тандер, во чии редови Расел Вестбрук го забележа најбрзиот трипл-дабл оваа сезона.
Вориорс, деветтата победа во низа ја забележаа против Вашингтон Визардс. Во победата 126:118 Стеф Кари постигна 38 поени (14/24 шут од игра), Кевин Дурент постигна 21, а Демаркус Казинс 17 поени.
Кај Визардс се истакнаа Тревор Ариза (27 поени), Томас Саторански (20 поени, 10 асистенции) и Бредли Бил (22 поени, 10 скока).
Оклахома, во дербито на Западот, ги совлада Њу Орлеанс Пеликанс 122:116. Вестбрук на страто од третата четвртина стигна до 15. трипл-дабл оваа сезона, а на крајот имаше 23 поени, 17 скока и 16 асистенции. Играчот што ќе игра во стартната петорка на Западот, на „Ол-Стар“ натпреварот, Пол Џорџ забележа 23 поени, 11 скока и 7 асистенции.
Пеликанс, во отсуство на најдобриот играч Ентони Дејвис ги предводеше Џру Холидеј со 22 поени 9 скока и 13 асистенции.
Портланд со тимска игра стигнаа до триумф над Финикс Санс 120:106. Петмина кошаркари на Трејблејзерс постигнаа двоцифрен број на поени, а меѓу нив беше и Јусуф Нуркиќ (16 поени, 9 скока). Финикс го предводеше Девин Букер со 27 поени.
Тандемот Ендрју Вигинс и Карл-Ентони Таунс го предводеше тимот на Минесота до триумф над ЛА Лејкерс 120:105. Победникот го реши последната четвртина. Вигинс забележа 23 поени и 8 скока, а Таунс 27 поени и 12 скока.
Режон Рондо се врати во тимот на ЛА Лејкерс, откако пропушти 14 натпревари. Рондо на крајот имаше 15 поени, 6 скока и 13 асистенции.