Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер вели дека преговорите со Месут Озил „одат добро“, но признава дека германскиот репрезентативец и Алексис Санчез можат да заминат во јануарскиот преоден рок. Договорите на Озил и Санчез завршуваат на крајот на сезоната.
„Мислам дека разговорите со Месут одат добро. Тоа што не се согласивме минатата година, не значи дека тој сака да си замине. Двајцата фудбалери изгледаат среќно во тимот и се надевам на пресврт, иако сега е прерано за било какво соопштение“, изјави Венгер.
Запрашан дали е можно Озил и Санчез да бидат продадени кога ќе постои шанса, Французинот беше искрен.
„Кога сте во ситуација кога сте ги разгледале сите опции, тогаш, да, и тоа е можно“, додава Венгер.
Во исто време, дефанзивецот на тимот Шкодран Мустафи ќе биде во аут најмалку шест недели поради повреда на бутниот мускул. Тој се повреди во последниот квалификациски меч на Германија, во кој тие ги совладаа Азербејџан со 5:1.