Менаџерот на Челси, Маурицио Сари, рекол дека доколку сака Еден Азар може слободно да го напушти клубот. Италијанецот сепак се надевал дека тоа нема да се случи.
Азар, изминатите месеци се поврзува со трансфер во Реал Мадрид, а самиот не крие дека уште од дете сонувал да го облече дресот на „кралскиот клуб“.
Бидејќи на Белгиецот во 2020 година му истекува договорот со Челси, гласни се шпекулациите дека Челси ќе му дозволат трансфер по завршувањето на сезоната.
„Еден има 28 години. Доколку сака да замине, тоа треба да се случи. Секако, јас се надевам дека работите нема да се движат во таа насока, бидејќи има потенцијал да биде најдобриот фудбалер во Европа“, рекол Сари.
За разлика од ситуацијата во која се наоѓа Азар, тренерот на Челси нема намера да попушти во случајот на 18-годишниот Калум Хадсон-Одои. Тинејџерот побарал трансфер во Баерн Минхен.
„Калум мора да го почитува клубот и академијата. Има време за него. Доколку си еден од најдобрите фудбалери во Европа, тогаш мораш да бидеш свесен дека најмногу ти помогнала академијата. Мора да го цени трудот што е вложен во него“, заклучил Сари.