Иван Ракитиќ е стандарден во тимот на Барселона, но сепак, од минатиот преоден рок, токму тој најчесто се поврзува со трансфер во некој друг тим. Минатото лет се поврзуваше со Пари Сен Жермен, а оваа зима со неколку англиски тимови.
Медиумите пишуваат дека Ракитиќ ќе замине по завршувањето на сезоната, а причината за такво нешто е трансферот на талентираниот Френки де Јонг од Ајакс. За овој 21-годишен играч Барселона издвои 75 милиони евра, а сумата доколку бидат исполнети клаузулите во договорот може да порасне до 90 милиони евра.
Пред неколку дена на оваа тема тренерот на Барселона излезе со јавен став дека сериозно смета на Ракитиќ и дека нема намера да се откаже од него.
Денес се огласи и фудбалерот кој испрати порака до претседателот на Барселона, Џорди Бартомеу.
„Јасен е мојот став дека сакам да останам тука, сега тоа и ќе го повторам. Среќен сум овде, имам намера да останам тука. Му дадов мал потсетник на претседателот, би можел да види што е со продолжувањето на мојот договор“, реко Ракитиќ.
Иван Ракитиќ во Барселона пристигна пред пет години од Севилја. Неговиот актуелен договор истекува во јуни 2021 година.