Пред нас е уште едно издание на најголемата американска спортска атракција, НФЛ Супер болот 53 во Атланта, каде што ќе се сретнат тимовите на Лос Анџелес рамс и Њу Ингланд патриотс, и каде што ќе се „слеат“ илјадници луѓе.
Но, далеку од фудбалот (поточно за нас Европјаните, американскиот фудбал), Супер болот ќе донесе многу интересни и (пак за нас во Европа) зачудувачки факти.
– ХРАНА, МНОООГУ ХРАНА
Додека Патриотс и Рамс ќе се борат за трофејот на„Мерцедес-Бенц стадионот“, Американците ќе јадат. Многу ќе јадат.
Во САД денот на Супер болот се смета за втората најголема шанса за јадење, зад Денот на благодарноста и истражувањата велат дека ќе се изедат 6 милиони килограми чипс, 4 милиони килограми тортилји и 3 милиони ореви. Покрај тоа, ќе се изедат и 1.38 милијарди пилешки крилца. Исто така ќе отидат и 50 милиони пакети пиво, 50 милиони килограми овошје.
– СТАДИОН ОД 1.5 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
Неделната пресметка ќе се оддржи на еден од најмодерните стадиони на светот – „Мерцедес-Бенц стадионот“ во Атланта, во државата Џорџија.
Стадионот со 71.000 седишта се отвори во 2017 година и чинеше 1.5 милијарди долари и е дом на НФЛ тимот Атланта Фалконс и фудбалскиот клуб Атланта јунајтед. Атланта, за разлика од поголемиот дел од САД не е погоден од студениот бран кој ја зафати Северна Америка, со температури од 14 степени во недела.
– БИЛЕТИ ОД 4.500 ДО 10.000 ДОЛАРИ!
Билетите за Супер болот секогаш биле „жешки“! Просечната цена за купување на билет оваа недела на веб-сајтовите доаѓа околу 4.500 долари, а во петокот еден билет е на продажба до 96.000 долари. До средата беа достапни околу 2.800 билети.
– РЕКЛАМИ СО НЕВЕРОЈАТНИ ЦЕНИ
Со огромна ТВ публика од 100 милиони само во САД, Супер болот секогаш нуди прилика за спонзорите кои се рекламираат по луди цени.
Во САД, НФЛ Супер болот го пренесува една од трите главни носители на права (ЦБС, Фокс и НБЦ), а оваа година редот е на ЦБС. Реклама од 30 секунди се плаќа неверојатни 5 милиони долари.
– РИЈАНА ОДБИ, МАРУН 5 СЕ СОГЛАСИЈА
„Традиција“, секако е и шоуто на полувреме, секогаш со ѕвезди во првиот ред. Оваа година, ѕвездата од Барбадос, Ријана одби да биде дел од шоуто на полувремето во знак на поддршка на квотербекот Колин Кеперник и неговиот бојкот на американската химна.
Затоа, тоа го прифати бендот Марун 5, и членовите се обидуваа да ги избегнат прашањата околу контроверзите. Пред мечот, Р&Б легендата, 74-годишната Гледис Најт ќе ја испее химната на САД.
– НА КРАЈ, НАЈВАЖНОТО, КОЈ Е НА ТЕРЕНОТ?
Фокусот во недела ќе биде на легендарниот квотербек на Патриотс, Том Брејди, кој со 41 година оди на рекордна шеста НФЛ титула. Со победа, тој би го поминал Чарлс Хејли, кој освои пет титули со Сан Франциско 49ерс и Далас каубојс во 1980-тите и 1990-тите. Ова е деветти настап на Брејди на Супер бол, а тој веќе има четири МВП титули.
Брејди и Патриотс го загубија трилерот лани од Филаделфија иглс, но пред две години ги победија Атланта Фалконс.
Од другата страна е 24-годишниот квотербек на Рамс, Џеред Гоф, кој беше избран како прв пик на драфтот во 2016 и ја игра својата трета сезона во НФЛ. Покрај тоа, тука е дуелот на тренерите 66-годишниот Бил Беличик кај Патриотс и 33-годишниот Шон Меквеј кај Рамс, кој е најмладиот тренер кој се пласирал во Супер бол.