Поранешниот играч од шампионската генерација на Чикаго Булс и член на „Куќата на славните“, Тони Кукоч, заедно со уште четворица играчи бил жртва на на измама од финансискиот „советник“ Паоло Банфи.
Кукоч, со години не може да открие како исчезнала неговата заштеда од „БСИ“ банката чие седиште е во Лугано. Инаку жртва на измамата на Банфи бил и генералниот секретар на Кошаркарскиот сојуз на Словенија, исто така поранешен кошаркар Радослав Нестеровиќ, но и уште тројца други неименувани играчи.
Кукоч го запознал Банфи уште во 90-те години од минатиот век додека бил играч на Бенетон од Тревизо, а пријатели овие двајца станале во времето кога Хрватот бил играч на Чикаго.
Банфи деновиве дал исказ пред судот во Лугано, а за хрватските медиуми Кукоч рекол дека не знае што им кажал измамникот на судиите.
„Не знам што кажал Банфи. Поради деликатноста на целиот случај не можам да давам изјава. Ќе ви кажам само дека покренав постапка и убеден сум дека парите ќе ми бидат вратени. Нанесена ми е голема штета. За среќа јас и семејството не сме егзистенцијално загрозени, но со оглед на тоа дека парите „крваво“ ги спечалив немам намера да се откажам“, рекол за „Јутарњи лист“, прославениот кошаркар.
Банфи на Кукоч му бил препорачан како доверлив и сигурен финансиски советник. Тој на Кукоч му предложил да префрли пари во банка во Швајцарија за да може да прави одредени финансиски трансакции.
Кукоч му ги препуштил работите и во 2004 година вложил пари во земјиште, во познатото зимувалиште Сент Мориц. Таму требало да биде изграден луксузен хотел.
Банфи му предложил на Кукоч да подигне кредит, а кошаркарот го послушал. Годините минувале, работите воопшто не напредувале, а парите биле извлекувани од сметката на Кукоч. Дури во 2012 година, кога видел дека соработката со Банфи станува кошмар, Кукоч решил да ангажира адвокати и да поднесе пријава против измамникот.
Банфи во 2015 година поради разни проневери минал осум месеци во притвор, а таа постапка се уште не била завршена. Во меѓувреме банката го запленила хотелот, кој бил под хпотека и го продала.
Наместо за 20 милиони швајцарски франци колку што го убедувале Кукоч дека е вредноста на недвижноста, хотелот кој не е изграден бил проценет на само пет милиони швајцарски франци.